Ажурирањето на апликацијата за скенирање фискални сметки „МојДДВ“ направи турканици и редици пред апаратите за читање на бар-кодови во просториите на УЈП. Како што соопштија од УЈП, на тие апарати со баркод читачи може да бидат скенирани сите оние сметки за кои граѓаните ќе имаат проблем при скенирањето со нивните телефони.

За да се изврши тој процес, граѓаните треба на апаратот да ги внесат пин кодот за најавување на апликацијата и нивниот Кориснички број, што може да го најдат во делот „Профил“ по отворањето на апликацијата.

Откако ќе се најават на апаратот, баркодот од фискалната сметка треба да го проближат до делот за скенирање и на тој начин да ја извршат операцијата, односно скенирањето.

Ваквиот процес се применува откако од Управата за јавни приходи известија дека се врши прилагодување и ажурирање на апликација „МојДДВ“ и дека за граѓаните да може да скенираат фискални сметки потребно е да направат прилагодување на апликацијата.

Додека трае ажурирањето и прилагодувањето, граѓаните зада ги скенираат фискалните сметки, граѓаните треба во мобилната апликација во делот „профил“, во прозорчето „Тип на баркод скенер“ каде што сега стои „Напреден“ да ја изберат опцијата „Основен“ – информираа од УЈП.

Оттаму додаваат дека ваквиот начин и поставки за скенирање на фискалните сметки ќе важи до завршување на процес на ажурирање на апликацијата, по што од УЈП ќе ги известат граѓаните повторно во „Тип на баркод скенер“ да ја изберат опцијата „Напреден“ при скенирање на фискалните сметки.