Во писмото до Османи, што нејзиниот кабинет го дистрибуира денеска до приштинските медиуми, Бајден вели дека САД ќе ги поддржат напорите за постигнување траен мир меѓу двете држави.
– САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за постигнување траен мир преку продуктивен дијалог меѓу Косово и Србија и конечен сеопфатен договор за нормализација, што веруваме дека ќе се финализира со меѓусебно признавање, пишува Бајден.
Според американскиот претседател, нормализацијата на односите со Србија е од суштинско значење за Косово „за да го реализира својот потенцијал за интеграција во евроатлантските структури“.
– Знам дека за да се постигне тоа се потребни флексибилност и тешки компромиси и на тој пат Соединетите Држави ќе бидат ваш партнер во секој чекор, порача Бајден.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Бајден во писмото ѝ честита на Османи за неодамнешниот избор на чело на државата и воедно ветува дека ќе го помогне Косово во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Тој вели дека неговата администрација ги разгледува и опциите за помагање на партнерите на САД со вакцини.
– Приоритет на мојата администрација е да работи со партнерите со цел мобилизација во борбата со пандемијата. САД придонесоа со четири милијарди долари во ГАВИ за да ја помогнат програмата Ковакс за да се снабдат со сигурни и ефикасни вакцини државите кои имаат потреба од нив и ме радува тоа што Косово почна да го добива својот контингент од Ковакс. Додека го зголемуваме снабдувањето со вакцини тука во САД, ги разгледуваме и опциите за да работиме со партнерите за споделување колку што можеме. Мојот тим ќе биде во контакт со вас додека се одвиваат овие напори, пишува Бајден.
Тој во писмото потсетува и дека „семејството Бајден е лично поврзано“ со Косово, со оглед дека неговиот сега покоен син, Бо, служеше во меѓународните мировни мисии во таа земја по војната во 1999 година.