Радикални исламистички групации упатија закани до Мицкоски поради неговиот став дека конфликтот треба да се реши, но и дека Израел има право да се брани кога е нападната од надворешна сила како терористичката Хамас.

Од друга страна пак, и официјалниот став на САД не се разликува од изнесениот статус на Мицкоски.

– Израел има право да се брани кога на негова територија стигнуваат илјадници ракети, изјави Бајден по телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека објавата на Мицкоски не се однесува кон палестинскиот народ, ниту пак кон муслиманите, или пак арапскиот народ, туку се однесува кон правото на држава пријател на Македонија да ја заштити својата територија кога истата е нападната и гранатирана од паравоена формација.

– Денес во Израел губат животи за жал подеднакво и муслимани, и евреи и христијани. Водедно и оваа прилика апелираме на прекин на огнот, наоѓање на заедничко решение и смирување на тензиите и насилствата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во исто време, МВР повторно потфрли. И покрај, во најмала рака, говорот на омраза, поради ставот на Мицкоски, нема никаква реакција од надлежното Министерство.

За потсетување, судирите ескалираа на денот кога Евреите го слават обединувањето на Ерусалим после војната од 1967 година.

Хамас лансираше ракети врз Ерусалим и Тел Авив, а израелската војска го бомбардираше Појасот Газа. Израелските ракетни напади врз Газа досега оставија најмалку 67 жртви, од кои 17 деца. Околу 400 се повредени. Милитантите од Газа лансираа повеќе од 1.000 ракети кон Израел од почетокот на нападите во понеделникот попладне, при што беа повредени над 200 израелски цивили и убиени седум жртви.