Иако Бајден секој ден ги брифира новинарите преку неговата портпаролка и одговараше на прашања на други начини, тој е првиот претседател во последните четири децении кој волку долго од почетокот на мандатот не одржал формална прес-конференција со новинарски прашања.
– Ова е можност за него да разговара со американските граѓани, очигледно директно преку известување, директно преку сите вас. И затоа мислам дека тој размислува за она што сака да го каже, што сака да порача и со нетрпение ја чека можноста да се соочи со слободното новинарство, изјави денеска портпаролката Џен Псаки.
Бајден најверојатно ќе се соочи со прашања за повеќе актуелни домашни теми како вооружените напади во Џорџија и Колорадо, ситуацијата на американско – мексиканската граница и справувањето со пандемијата.
На меѓународен план Бајден може да очекува прашања за изгледите за повторно вклучување во иранскиот нуклеарен договор, неодамнешните ракетните проби на Северна Кореја, ситуацијата во Мјанмар, како и американските односи со Кина и Русија.