Според законот, во наредните години ќе се инвестира во обнова на американските мостови и патишта, железницата, снабдувањето со вода и електрична енергија, подостапен интернет во јавните места.
-Ова се области кои ќе имаат огромно влијание врз (квалитетит на животот на) семејствата низ Америка, изјави синоќа за Си-ен-ен Џен Псаки, портпарол на Белата куќа.
Според неа, илјадници јавни училишта низ Америка сеуште користат оловни цевки за водоснабдување или градбите содржат азбест. Законот потпишан синоќа од Бајден предвидува обнова на водоснабдувањето и училиштата со што ќе се заштити здравјето на стотици илјади ученици и студенти, изјави Псаки.
-Законот кој сега ќе го потпишам е доказ против циниците. Демократите и републиканците се здружуваат и носеме резултати. Можеме да донесеме вистински резултати за реалните луѓе, изјави претседателот Бајден.
На потпишувањето под отворено небо во јужниот двор на Белата куќа тој беше придружен од демократите и некои републиканци.
Оваа мерка се очекува да овозможи создавање на дополнителни работни места низ целата земја, затоа што властите на државите и локалните општини ќе добијат милијарди долари за поправање на патиштата и мостовите. Според законот, широкопојасен интернет ќе добијат два милиони Аериканци.
Од Белата куќа завчера укажаа дека координацијата за реализација на планот била дадена на Мич Ландре, поранешен градоначалник на Њу Орлеанс, а работна група од високи официјални лица од Стејт департментот ќе ја следат реализацијата на планот.
Пред да го потпише законот, Бајден потпиша указ за приоритетен откуп на материјали произведени во САД, дел од иницијативата „Да изградиме повторно и подобро”. Овие материјали ќе бидат употребени за инфраструктурните проекти.