Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија од денеска ги затворија своите граници за возила со регистерски таблички од Русија, се вели во официјалното соопштение од Естонија.

Во согласност со упатствата на Европската комисија, никој не смее да ја премине границата со Естонија со автомобил со руски регистарски таблички од среда во 10 часот (08.00 часот по Гринич), соопшти Министерството за внатрешни работи во Талин.

Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна денеска информираше дека Талин се приклучува на мерката објавена од Летонија и Литванија еден ден претходно.

„Почнувајќи од денеска… Естонија ќе го забрани влезот за сите возила со руски регистрирски таблички“, напиша Цахкна на социјалната платформа Х, порано позната како Твитер.

Естонија, Летонија и Литванија ја применуваат истата регулатива, во услови на поголема претпазливост предизвикана од тековната целосна инвазија на Москва врз Украина во февруари 2022 година.

Автомобилите со руски регистарски таблички мора да се вратат назад на надворешните граници на трите земји, кои припаѓаат на Европската Унија и НАТО. Во спротивно, возилата би можеле да бидат одземени.

Чекорот на балтичките земји доаѓа по појаснувањето на Комисијата на 8 септември во врска со спроведувањето на санкциите на ЕУ кон Русија. Комисијата појасни дека возилата регистрирани во Русија повеќе не смеат да влезат на територијата на ЕУ, без разлика дали се за приватни или комерцијални цели.

– Не можеме да дозволиме граѓаните на агресорската држава да ги уживаат придобивките од слободата и демократијата додека Русија го продолжува својот геноцид во Украина, изјави естонскиот министер.