ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), под раководство на кадри на СДС, во текот на 2024 година отпишало долгови во вредност од над 3 милиони денари и побара Општина Центар да ги објави имињата на физичките лица и компаниите на кои им биле отпишани обврските.
На прес-конференција, потпретседателот на ОК Центар, Лазар Банов, рече дека според ревизорскиот извештај за 2024 година биле отпишани 2,221 милиони денари долгови од физички лица и уште 912 илјади денари долгови од компании.
Тој посочи дека во ревизорскиот извештај е наведено и дека поради отпишувањето требало да се пресмета и данок на личен доход во износ од околу 247 илјади денари.
Банов ги повика раководството на ПОЦ, директорот Душко Коцевски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, јавно да ги објават имињата на лицата и компаниите чии долгови биле отпишани.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека средствата, доколку биле наплатени, можеле да бидат искористени за реализација на инфраструктурни проекти, изградба на градинки, училишта, паркови и спортски објекти во Општина Центар.
