– Енергетскиот сектор во Република Македонија е еден од најзначајните сектори за развој на економијата и е приоритет за Владата за обезбедување на сигурно снабдување со енергија, економски раст и придвижување кон зелена економија. Како држава-кандидат за полноправно членство во Европската унија сме исправени пред предизвиците за ефикасното спроведување на сериозни реформи во економскиот сектор од кои особено значење за има енергетиката, а како членка Енергетската заедница ја следиме енегетската политика на ЕУ со што целосно ги имплементиравме директивите и регулативите на ЕУ за енергетика, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на Министерскиот состанок на Партнерство за трансатланска енергија и климатска промена (P-TECC) кој во организација на Министерството за енергија на Соединетите Американски Држави и Министерството за клима и животна средина на Република Полска се одржа денеска во Варшава, Република Полска.
Бектеши, информираат од неговиот кабинет, во своето излагање за реформите кон зелена енергетска транзиција на Македонија истакнал дека новиот Закон за енергетика е целосно усогласен со ЕУ регулативите, како и со Енергетската заедница, и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за клима и енергија, кој се чека на усвојување.
– За овие наши активности Енергетската заедница ги пофали нашите напори и посветеност за сето она што го направивме во енергетскиот сектор кон целосна енергетска трансформација во зелена енергија како прва земја на Западен Балкан што го стори сето тоа, кажа Бектеши.
Бектеши, исто така, информирал дека Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година била донесена на крајот на 2019 година и разработува три сценарија – референтно сценарио, сценарио со умерена транзиција и зелено сценарио, кои одразуваат различна динамика на енергетска транзиција и овозможуваат флексибилност на земјата да одговори на соодветните политики за управување во ЕУ, кон модерна, конкурентна и климатски неутрална економија до 2040 година.
– Интегрираните резултати од Зеленото сценарио од енергетската стратегија во 2025 година покажуваат значаен напредок кон енергетската транзиција. Според ова сценарио, во 2025 година се предвидени заштеди во финалната потрошувачка на енергија од 12,7 проценти, кажа министерот Бектеши и додаде дека Националниот план за енергија и клима ја става Македонија како прва членка на Енергетската заеница која што го изработи ваков документ.
Со тоа, се вели во соопштението од Министерството за економија, ја покажуваме сериозната заложба на земјата да биде во чекор со европските енергетски и климатски трендови, кажа Бектеши во своето обраќање пред министри и високи претставници од 25 земји кои што присуствуваа на Министерскиот состанок.
– Вкупната вредност на инвестициите во енергетскиот сектор, предвидени со Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 изнесува околу 4,2 милијарди евра и се однесуваат на покрупни инфраструктурни проекти кои претставуваат дел од вкупно предвидените инвестиции во енергетскиот сектор на Македонија. Од друга страна планираните јавни инвестиции во енергетиката во периодот 2021 – 2025 година изнесуваат околу 390 милиони евра, што укажува дека јавните инвестиции во секторот на енергетика се мали по обем и дека придонесот на другите извори на финансирање ќе биде клучен за реализација на Стратегијата за енергетика, потенцирал Бектеши.
Бектеши, се наведува во соопштението, посочил и дека иницијативата за конкурентна и климатски неутрална економија на секоја земја почнува од нашето размислување за тоа како ќе изгледа иднината.
– Важно е какви мерки преземаат владите и дали ќе бидат доволно добри за да го заштитат нашето здравје и благосостојба, како ќе се оживее економијата, каква ќе биде нашата понуда, на чија поддршка можеме да сметаме, како ќе се променат потребите за мобилност и на крајот, каква улога може да одигра секој од нас. Земјите од Западен Балкан, имаат можност да донесат храбра одлука за движење напред кон одржлива декарбонизирана иднина и да го искористат потенцијалот на регионот за поздрава животна средина, кажа Бектеши, стои во соопштението.
Во рамки на министерскиот состанок, Бектеши остварил билатерална средба со министерот за клима и животна средина на Република Полска, Михал Куртика, на која, стои во соопштението, двајцата ги истакнале своите силни заложби за продлабочување на соработката во делот на енергетиката помеѓу двете земји.