Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека се интензивираат постапките за зголемување на државните капацитети за производство на електрична енергија. Од тетовското село Прељубиште тој информираше дека денеска надлежната Комисија ја донесе формалната одлука која ќе биде предложена до Владата за прогласување енергетска кризна состојба.
-РЕК Битола работи со два блока и има залихи за да може да работи и наредните денови. Веќе завршена е постапката за ставање во функција на „Осломеј“ со што ќе се зголеми капацитетот на производство на ЕСМ во нашата држава. Денеска имавме прилика да разговараме и со раководството на ЕСМ и со раководството на МЕПСО, веќе од наредната недела ќе добијат задолжение од страна на Владата и комисијата која прогласува кризна состојба за да направат што поголеми напори да се стави во функција и ТЕЦ „Неготино“ со тоа да ги задоволиме потребите, првично на домаќинствата и на малите потрошувачи, а секако откако ќе интервенираме и ќе вбризгаме средства во зголемување на ликвидноста на ЕСМ и на МЕПСО тие ќе станат поликвидни и ќе користиме други механизми преку Министерството за финансии за да можат тие да произведуваат и вишоци на електрична енергија во нашата држава, изјави Бектеши.
Тој потенцира дека РЕК Битола моментно има 40 илјади тони залиха. Дневно се произведуваат три до пет илјади тони, но веќе почнале уште повеќе да ископуваат јаглен, а во континуитет се носи јагленот од Косово за потребите на „Осломеј“.
– Во вакви кризи наша цел е да ја намалиме производната цена на ЕСМ затоа што загарантирана цена имаат домаќинствата и малите потрошувачи согласно Законот за енергетика која изнесува 36,1 евра по мегават. Колку што ќе можеме повеќе да ја намалиме цената по мегават на ЕСМ секако дека нема да влијае врз зголемување на цената. И тоа сега го правиме за од 1 јануари да нема зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, изјави министерот.
Комисијата за прогласување енергетска криза утринава го имала првиот состанок на кој е формализирана одлуката која ќе и се предаде на Владата за разгледување.
-Веќе е донесена одлуката сабајлето, веќе кажав од страна на комисијата што и предлага на Владата за да донесе одлука за енергетска криза во нашата држава во вторник и до крајот на наредната недела да вбризнеме средства за зголемување на ликвидноста на ЕСМ и на МЕПСО. Членови на комисијата се од МЕПСО, од ЕСМ, од Министерство за економија, од електродистрибутерот, од РКЕ, од ТЕ-ТО и други членови како што се советници, експерти за енергетика и од Владата и од Министерството за економија, рече Бектеши.
Во однос на тоа колку пари ќе се дадат на државните компании, министерот истакна дека буџетот е ликвиден и во зависност од нивното работење во наредните два месеца ќе се направат проценките.