Тврдењата на руските власти дека САД стојат зад нападот со дрон врз Кремљ се лажни, изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

„САД не ја охрабруваат ниту овозможуваат Украина да нападне надвор од нејзините граници“, изјави Кирби за американскиот ТВ канал MSNBC.

Русија, како што јави Ројтерс, ги обвини САД дека стојат зад нападот со цел да се убие рускиот претседател Владимир Путин.

Кремљ во средата соопшти дека Украина во текот на ноќта се обидела да го нападне седиштето на руската влада со беспилотни летала, но оти нападот бил „успешно одбиен“.

Украинските власти негираа каква било вмешаност во наводниот напад, велејќи дека тоа би можело да сугерира дека Русија планира голем „терористички“ напад врз Украина во наредните денови.