Нова царина од 15% за увоз од ЕУ по указ на Трамп
САД ќе применуваат царина од 15% за увоз од Европската унија, по неодамнешната одлука на американскиот Врховен суд за претходно воведените тарифи. Ова го изјави висок функционер на Белата куќа, пренесе ДПА.
Според него, правната основа за новата стапка е Указот за глобалните царини што го потпиша американскиот претседател Доналд Трамп по пресудата на судот.
Функционерот посочи дека мерката има привремен карактер.
„Сепак, ова е само привремено, бидејќи администрацијата ќе бара од другите органи да спроведат посоодветни или однапред договорени царински стапки“, изјави тој.
Дополнително, нагласи дека се очекува трговските партнери да продолжат со исполнување на преземените обврски.
„Дотогаш, очекуваме сите земји да продолжат да се придржуваат кон своите обврски од трговскиот договор за намалување на трговските бариери и други отстапки, кои не се променети.“
Пресудата на Врховниот суд и зголемувањето на стапката
Во петокот, Врховниот суд на САД донесе одлука што влијае врз трговската политика на Доналд Трамп. Судот пресуди дека правната основа користена за многу од царините воведени кон речиси сите трговски партнери на земјата е неоправдана.
По оваа пресуда, Трамп најпрво во петокот најави царини од 10 отсто за увоз во САД. Потоа, во саботата, стапката беше зголемена на 15 отсто.
