Македонија (Северна, како што пишуваат тамошните медиуми)ноди во втор круг од претседателските избори, откако ниту еден кандидат не освои над 50 отсто гласови за да победи во вчерашниот прв круг на гласање. Вториот круг ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори, кои би можеле да го дефинираат патот на земјата кон ЕУ, наведуваат белгиските медиуми во своите написи за изборите во земјава.
„Политико“ наведува дека вчерашното гласање покажало „силно поместување“ на гласачкото тело во корист на кандидатката поддржана од коалицијата на „главната опозициска конзервативна партија“ ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Изданието додава дека по преброени 85 отсто од гласовите Силјановска-Давкова беше во водство со 40,1 отсто од поддршката, додека актуелниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од „владејачката социјалистичка партија“ СДСМ, доби 19,7 отсто од гласовите.
„Еуроактив“ пренесува дека „националистичката кандидатка“ за претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова прогласи победа во првиот круг од претседателските избори, кој е „прв во серијата гласања што би можеле да одлучат дали балканската земја ќе се приклучи на Европската Унија“.
Силјановска-Давкова, која е поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, извојува победа со речиси 40 отсто, актуелниот претседател Стево Пендаровски од владејачките левоцентристички социјалдемократи (СДСМ) освои близу 20 проценти од гласовите, додава изданието.
Тие ќе се соочат во вториот круг на 8 мај, но изгледите за Пендаровски се тмурни, оценува „Еуроактив“, наведувајќи дека истиот ден ќе се одржат и парламентарни избори.
– Гласањето за главно церемонијалната претседателска функција се смета за лакмус тест за парламентарните избори следниот месец на кои националистичката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги урне владејачките проевропски и левоцентристички социјалдемократи, се наведува во текстот.
„Еурактив“ нагласува и дека изборите се одржуваат во време „ќор-сокак меѓу владата и опозицијата кој трае две години, околу тоа како земјата да се справи со соседна Бугарија која го блокира нејзиниот пат кон членството во ЕУ“.
– Односите меѓу Софија и Скопје се затегнати со години поради жестоки спорови околу сличните јазици и историја на двете земји. Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје, кога Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во Уставот на земјата. Пендаровски и СДСМ се подготвени да ги усвојат амандманите, но немаат мнозинство за тоа во Парламентот. Партијата ВМРО-ДПМНЕ вели дека уставните промени можат да бидат усвоени само откако Македонија ќе влезе во ЕУ, став за кој владата вели дека е нереален, додава „Еурактив“ во освртот на претседателските избори во земјава.
На прашањето за уставните измени во текстот за изборите се осврнува и весникот „Хет Лацте Њуз“ (ХЛН), кој пренесувајќи ги резултатите од првиот изборен круг, оценува дека претседателските избори би можеле да имаат големо влијание врз промената на Уставот, која е „важна за членството на Македонија во ЕУ“.
Весникот наведува дека земјава е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. – Разговорите за можно членство започнаа во 2020 година, но Бугарија побара од ЕУ да постави одредени барања за членство на Македонија. Европската Унија ги прифати тие барања, со што го стави членството на Македонија речиси целосно во рацете на Бугарија, оценува ХЛН.
Во текстот се нагласува дека едно од бугарските барања е измена на Уставот со кој „ќе се признаат Бугарите, кои во моментов претставуваат етничко малцинство во Македонија“, додавајќи дека уставниот амандман засега не е одобрен.
Весникот наведува дека доколку актуелниот претседател Стево Пендаровски, член на „проевропската владејачка партија СДСМ“, повторно победи, ќе следи ново гласање за ова прашање, додека од друга страна Силјановска-Давкова, членка на „конзервативната опозициска партија“ ВМРО ДПМНЕ, ја отфрла промената на Уставот.
– Според тоа, победата на ВМРО-ДПМНЕ може да значи привремен крај на европскиот сон на Македонија, заклучува „Хет Лацте Њуз“