Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ остро реагираше на најавите на неговиот босански колега Елмедин Конаковиќ дека Босна и Херцеговина ќе испрати писма до меѓународната заедница и ќе повлече дел од вработените во Амбасадата во Србија, поради однесувањето на Белград по смртта на осудениот Ратко Младиќ и неговиот денешен погреб. Конаковиќ, исто така, најави дека нема да има разговори за економска соработка со Србија.

Ѓуриќ на Фејсбук го обвини Конаковиќ за лицемерие и го критикуваше поради, како што наведува, неговиот однос кон злосторствата врз Србите и кон поранешните команданти на босанските муслимани.

„Лицемерието и недостатокот на срам на Елмедин Конаковиќ немаат граници: морални лекции на Србија и на Александар Вучиќ им дава човек кој политички пораснал во партија и во средина која со години го славеше Расим Делиќ, кој беше правосилно осуден за злосторства извршени врз заробени Срби од страна на членовите на одредот „Ел Муџахид“, како и други лица кои убиваа, колеа и угнетуваа српски народ“, објави Ѓуриќ на Фејсбук.

Српскиот министер во реакцијата се осврна и на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Сребреница, оценувајќи дека тој тогаш дошол за да им оддаде почит на жртвите и да подаде рака за помирување.

Ѓуриќ потсети и на нападот врз Вучиќ во Сребреница, за кој, како што наведе, до денес никој не одговарал.

„До денес никој не одговараше за тој напад. Ова најдобро покажува кој бил подготвен да го ризикува сопствениот живот заради помирувањето, а кој ги користи туѓите жртви за евтини политички пресметки. Тие се толку заслепени од омраза што сè уште го гледаат духот на Александар Вучиќ дури и таму каде што денес го нема. Тие многу добро знаат дека тој е најдобриот заштитник на српските интереси, затоа го напаѓаат“ рече тој.

Ѓуриќ побара од Конаковиќ, наместо да упатува критики кон Србија, да ги спомене и српските жртви и да ги осуди злосторствата врз нив. Тој исто така побара објаснување зошто, според него, осудени команданти и понатаму се слават во Сараево.

Во продолжение, српскиот министер го обвини Конаковиќ и други политичари дека се спротивставуваат на вистинско помирување, затоа што, како што тврди, бараат Србите да се откажат од своите жртви и истовремено молчат за злосторствата извршени врз нив.

„Конаковиќ и други како него се најголемите противници на какво било вистинско помирување: тие бараат од Србите да се откажат од секоја жртва, молчат за своите злосторства и ги прогласуваат своите осуденици за херои. Србија нема да прифати ниту селективна правда ниту морални лекции од оние кои упорно одбиваат да си го погледнат минатото во очи“, порача министерот за надворешни работи на Србија.