Лука Дончиќ и Лос Анџелес Лејкерс прокоцкаа огромна предност во завршницата на групната фаза од НБА Купот. ЛА Лејкерс загубија на гостувањето во Сан Антонио со 99:96, додека Денвер Нагетс славеа кај Јута Џез со 107:120.

Во „Фрост Бенк Центар“ во Сан Антонио, тимот на Лејкерс доживеа голем пресврт во второто полувреме. Гостите отворија моќно, го задржаа високиот ритам во втората четвртина со 24:27 и на полувреме заминаа со убедливо водство од 38:54. Во втората делница тимот од Лос Анџелес стигна и до највисоки 19 поени предност при резултат 28:47. Сепак, на девет минути до крајот на третиот период, кошаркарите на Спарс направија клучна серија од 23:7, па третата четвртина заврши со 30:14, додека во последниот период домаќините славеа со 31:28.

Кај победничкиот состав блеснаа Стефон Касл со 26 поени и девет асистенции, како и Виктор Вембањама кој запиша 25 поени и 16 скокови.

На спротивната страна не помогнаа ниту одличните 31 поен, осум асистенции и шест скокови на Дончиќ, ниту 21 поен на Остин Ривс. Центарот Вокер Кеслер додаде дабл-дабл учинок од 10 поени и 13 скокови во поразот на гостинскиот тим.

Денвер Нагетс имаше одличен финиш во „Делта Центар“ во Солт Лејк Сити и забележа сигурна победа против Јута. Гостите отворија со серија 7:0 и брзо поведоа со 10:24, па првата четвртина ја завршија со предност од 22:27. Јута возврати во вториот период со 31:25 и замина на одмор со минимално водство од 53:52.

По изедначената трета четвртина која заврши 32:33, резултатот на семафорот гласеше 85:85, а домаќините стигнаа до предност од 102:97 на шест минути до крајот. Тогаш следеше фуриозната серија на Денвер од 23:5 за убедлив триумф во завршната четвртина од 22:35. Најзаслужен за победата беше Џамал Мареј со 36 поени и пет скокови, вклучувајќи седум врзани поени во самата завршница.

По овие дуели, Лејкерс се наоѓаат на второто место на Западната конференција со скор 15-4, зад лидерот Сан Антонио кој има 16-4 и обезбеди пласман во четвртфиналето на Купот. Денвер е на седмата позиција со 11-6 и остана без нокаут-фаза, додека Јута е на 14. место со учинок 3-17. Во следниот натпревар Лејкерс гостуваат во дербито кај третопласираниот Мемфис, додека Денвер патува на гостување кај Торонто.

Останати резултати од вечерта: Њујорк – Мајами 105:108, Детроит – Милвоки 113:98, Индијана – Филаделфија 87:111, Торонто – Бруклин 124:100, Бостон – Атланта 86:87, Минесота – Мемфис 109:114, Феникс – Далас 109:113, ЛА Клиперс – Њу Орлеанс 104:105, Портланд – Голден Стејт 116:94.