Повеќе од 400 сообраќајни незгоди за само 24 часа се регистрирани во јужниот дел на Германија поради снежните врнежи и замрзнатите коловози. И покрај размерите на проблемот, дел од водечките германски медиуми за случувањата известуваат смирено, фактографски и без непотребно драматизирање.
Според информациите на француската новинска агенција АФП, кои ги пренесува германскиот портал Newsworm, повеќе од 400 сообраќајни незгоди биле регистрирани од четвртокот до петокот само на територијата под надлежност на полициската управа во јужна Горна Баварија.
На автопатиштата кон Австрија биле формирани долги колони возила, а во најголем дел од сообраќајните незгоди била причинета само материјална штета. Едно лице било тешко повредено во близина на Мурнау.
Германската полиција предупредила дека зимските услови на патиштата ќе продолжат, додека метеоролошката служба предупредила на опасност од замрзнати коловози.
Во Германија 400 незгоди, во Македонија сензација за едно возило
За разлика од ваквиот пристап, дел од македонските портали вечерва со драматични наслови и видеоснимки известуваа за превртување на автомобил на планинскиот превој Стража, пренесувајќи и првични, непотврдени информации за повредени лица.
Во меѓувреме се потврди дека во незгодата нема повредени и дека автомобилот се движел со летни гуми, се поставува прашањето за пропорционалноста и професионалноста на ваквото медиумско известување.
Снегот предизвикува сообраќајни незгоди и во економски најразвиените земји во Европа. Ниту германската инфраструктура, ниту германските зимски служби можат целосно да ги елиминираат ризиците што произлегуваат од зимските временски услови.
Задачата на медиумите е да ја информираат јавноста, а не од секоја сообраќајна незгода да создаваат впечаток на национална катастрофа. Снегот во ноември е метеоролошка појава, а не вонредна општествена состојба.
