Како што информираат од Царинската управа, на состанокот Кутиров го информирала Бесими за реализираните и тековните проекти што произлегуваат од програмата на Владата, притоа потенцирајќи ги активностите кои ги презема Царинската управа за справување со сивата економија, што воедно се дел од активностите на кампањата „Внеси боја во сивата економија“, што ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за финансии.

Таа информирала и за низата мерки што ги презема Царинската управа во насока на поедноставување и олеснување на царинските постапки, а со цел одржување и унапредување на прекуграничната трговија.

-Меѓу темите на разговор беа и статусот и активностите поврзани со проектот за воведување на Track&Trace системот за следење на акцизни производи, што се очекува да придонесе за подобра контрола на акцизната стока на целата територија на државата, соопштија од Царинската управа.

Бесими бил запознаен и со статусот на реализација на проектите кои се дел од иницијативата „Отворен Балкан“, како што е взаемното признавање на одобрениjата за Овластен економски оператор (ОЕО) и заедничките гранични контроли (One Stop Shop) со Република Србија и Република Албанија.

Исто така, справувањето со корупцијата како најголем предизвик на општеството, но и на Царинската управа беше дел од дискусијата на состанокот, како и мерките што се преземаат за воведување на системско решавање и подобрување на контролата на меѓународниот превоз на стоки и патници.

Министерот и директорката се согласиле дека успесите во работата не се случајни туку резултат на повеќегодишна, фокусирана и тимска работа при што ја истакнаа заложбата  за понатамошна успешна соработка во насока на поедноставување на царинските постапки, зголемување на конкурентноста на домашната економија и намалување на трошоците на економските оператори.