Секој вложен денар на граѓаните мора да биде оправдано вложен таму каде што дава најголем ефект. Тоа е буџет со поголема „вредност на вложените пари“, и за тоа ќе има отчетност, а за таа цел се воведуваат петгодишни индикатори за мерење на успешноста на политиките. Исто така, овој буџет е кроен според „златното правило“ во јавните финансии, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи, што значи задолжување исклучиво за капитални расходи кои достигнуваат највисоко ниво од кој било претходен буџет. Тоа ќе поттикне инвестициски циклус што ќе придонесе за забрзан економски раст, додека преку зелената агенда, поддршката на иновациите и дигитализацијата до одржлив развој и подобар квалитет на живот за граѓаните.
Ова го истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна, во која вели дека е време за развоен буџет кој ќе резултира во забрзан раст преку зголемени инвестици, но и ќе има капацитет за ублажување на кризите и ризиците со кои се соочуваме.
– Овој буџет се донесува во еден деликатен момент за нашата и глобалната економија. Подложени сме на континуирана неизвесност, предизвици, но и нови можности, вели министерот и додава дека Буџетот за 2022 е конципиран да ги адресира сите можности и предизвици кои ни претстојат во следниот период.
Клучни приоритети за наредната година пресликани во овој документ се натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции, заштита на здравјето на граѓаните во се уште присутни ризици од пандемијата, но и поддршка на животниот стандард на населението.
Инвестициите добиваат значително внимание во буџетот во 2022 година. Тие со Дополнетиот предлог-буџет за 2022 одина, што вчера беше усвоен од Владата се проектирани на историски највисоко ниво досега од 38,2 милијарди денари, додека пак вредноста на прифатените амандмани е 382 милиони денари.
-Во 2022 година капиталните расходи се планирани на досегашно највисокото ниво од 38,2 милијарди денари. Овој буџет претставува значајна промена и од аспект на структурата. Капиталните расходи учествуваат со 14% во вкупните расходи и се зголемени за 28,3% во споредба со 2021 година, при истовремено кратење на „непродуктивните„ буџетски трошења. Ова е во рамки на Планот за забрзан раст 2022-2026, кој има за цел финансирање на закрепнувањето на економијата погодена од кризата и поддршка на забрзан и одржлив раст притоа одржувајќи фискална стабилност, вели министерот за финансии.
Со овој буџет, посочува, се почитува „златното правило“ во финансиите. Тоа значи дека, капиталните расходи го надминуваат буџетскиот дефицит, односно целокупното задолжување ќе биде искористено во капитални расходи.
– Имено, познато е дека долгорочното задолжување е оправдано и праведно, ако бенефитите од вложувањата се уживаат и од генерациите кои што ќе платат за соодветните долгови. Алтернативен пристап на ова би било повисокото оданочување што би ги обесправело сегашните генерации. Затоа, задолжувањето за проекти и капитални расходи чии придобивки се уживаат од повеќе генерации, е оправдано од аспект на интергенерациската праведност и е додадена вредност на начинот на планирање и водење јавни финансии. наведува Бесими.
Дополнетиот предлог буџет со вградените 23 амандмани е доставен до Собранието, каде на пленарна седница треба да биде усвоен. По Дополнетиот предлог буџет согласно Деловникот на Собранието расправата трае пет дена.