Околу 220 илјади жители евакуирани од регионот Жиронд во југозападна Франција нема да можат да се вратат во своите домови сè додека огромниот шумски пожар не биде ставен под контрола. Највисоката претставничка на регионот, Софи Брокас, предупреди дека во вторник се очекува нов пораст на температурите, што може дополнително да ја влоши состојбата на терен.

Францускиот претседател Емануел Макрон утре во 11 часот ќе претседава со состанок на кризниот кабинет, на кој ќе се разгледува состојбата со шумските пожари што пустошат во неколку области во југозападниот дел на земјата, соопшти неговиот кабинет.

Пожарот создал исклучително опасен пирокумулонимбус, појава што досега не била забележана во Франција, изјави портпаролот на Националната федерација на пожарникари на Франција, FNSPF.

Пирокумулонимбусот се создава кога силниот пожар го загрева воздухот близу до земјата, по што тој брзо се издигнува и формира таканаречен „огнен облак“. Таквата облачна формација може да создаде сопствени ветрови, дополнително да го разгори пожарот, а доколку достигне големи размери, може да предизвика и молњи. Сличен феномен се јавува и при вулкански ерупции.

НАСА ваквите облаци ги опишува како „облачни змејови што блујат оган“.

Портпаролот на FNSPF, потполковник Ерик Брокарди, предупреди дека пожарот е непредвидлив, а огнениот фронт постојано ја менува насоката.

„Не знаеме како ќе се шири пожарот; огнениот фронт постојано се менува. Не можеме директно да се бориме со него. Тоа е сценарио како во битката меѓу Давид и Голијат“, изјави Брокарди.

Тој додаде дека спасот може да дојде од обилен дожд што би траел најмалку три дена или преку насочување на пожарот кон простор каде што самиот би згаснал, на пример кон морето.