Континуираното унапредување на правата на вработените, подобрувањето на условите за работа, професионалниот развој и значењето на отворениот социјален дијалог беа во фокусот на средбата на менаџментот на ТИТАН Усје со претставници на синдикалните организации. На состанокот учествуваа претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски, претседателот на фабричкиот синдикат, Горан Јанковски, како и генералниот извршен директор Константинос Николаоу.
За време на разговорите беа презентирани политиките и практичните мерки што компанијата континуирано ги спроведува за економска сигурност на работниците преку надоместоци и дополнителни придобивки, со особен акцент врз високите стандарди за безбедност и здравје при работа. Раководството ги информираше синдикалните лидери за планираните инвестиции во модернизација на производствените процеси, кои овозможуваат развој на нови компетенции и долгорочна одржливост на работните места.
Претставниците на синдикалните сојузи, Трендафилов и Пешевски, изразија задоволство од досегашното партнерство, оценувајќи дека конструктивниот дијалог е основен предуслов за заштита на работничките права во фабриката која претставува клучен индустриски капацитет за домашната економија.
„На вработените во компанијата постојано им се овозможуваат обуки за професионален развој, безбедност и стекнување нови вештини, при што грижата за нивната добросостојба останува врвен приоритет“, истакна Јанковски.
На средбата беше договорено натамошно зајакнување на меѓусебната соработка, особено во услови на глобални технолошки промени, дигитализација и примена на вештачка интелигенција кои носат структурни промени на пазарот на трудот. Фабриката ТИТАН Усје директно вработува 249 лица и генерира околу 6.700 индиректни работни места преку својата мрежа на добавувачи и соработници, што сочинува околу еден процент од вкупната вработеност во државата.
