Во Скопје се одржа првиот Форум за енергетска дипломатија, кој обедини дипломати, владини претставници и експерти. Настанот создаде платформа за поврзување на клучните чинители од енергетскиот сектор во регионот и пошироко.
На форумот учествуваа амбасадори, претставници на дипломатски мисии, министри, високи владини претставници, раководители на меѓународни организации, како и челници на домашни и странски компании, финансиски институции и експерти од регионот и светот.
Меѓу институциите и организациите што зедоа учество беа Европската комисија, Обединетите нации, УНДП, УНЕЦЕ, Светската банка, ЕБОР, Меѓународната агенција за енергетика, ENTSO-E, како и претставници на дипломатскиот кор и водечките енергетски компании.
Преку панел-дискусии посветени на женското лидерство во енергетиката, енергетската безбедност, обновливите извори на енергија и зеленото финансирање, форумот отвори простор за размена на искуства, нови перспективи и воспоставување институционални контакти.
Посебно значење имаше усвојувањето на Скопската декларација за жените во енергетската дипломатија, со која се испраќа порака за посилно женско лидерство, поголема вклученост во процесите на одлучување и зајакнување на соработката меѓу жените во енергетскиот сектор на национално, регионално и меѓународно ниво.
Настанот беше организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на ОН, УНДП и УНЕЦЕ, при што беше нагласено дека современите енергетски предизвици бараат заеднички пристап, доверба и посилна соработка.
Главната порака од средбата беше дека вистинската вредност лежи во поврзувањето на луѓето, институциите и идеите, бидејќи енергетската иднина бара континуиран дијалог, партнерства и заедничка одговорност.
