Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром в петок (14 април), против КК Цибона (18.00 часот) ќе го играат последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во АБА лигата.

Актуелниот македонски шампион мора да оди на победа за да остане во игра за опстанок во јадранската елита, а клубот ја бара поддршката од трибините.

– Ова е идеална можност да покажеме колку е голема симбиозата помеѓу Аеродром и КК МЗТ Скопје Аеродром, но и колку останатиот дел од градот и од Македонија верува и ужива во настапите на „сино-белите“ кошаркари. Затоа, на Велики петок сите патишта нека водат кон „Јане Сандански“. Трибините нека бидат исполнети до крај и нека ечи песната на нашите навивачи. Заедно секогаш сме посилни, а сплотени секогаш победуваме! Ова нека биде спектакл во предвечерјето на големиот празник Велигден, голем хепенинг со заедничка радост на крајот – пренесуваат од КК МЗТ Скопје Аеродром.

За сите љубители на кошарката и спортот влезот е бесплатен за мечот МЗТ – Цибона кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“.

Моментно на табелата МЗТ е на претпоследното 13 место со 31 бод, додека Цибона е на 10 позиција со 34. Борац кој исто така има 31 бод се наоѓа на 12 место и својот последен меч од регуларниот дел ќе го има на 15 април на гости против третопласираниот Будуќност.