Тодоровска почна да раскажува од зачетоците на нејзиниот проект, кој посочи дека е стар десетина години. Раскажа дека во 2012 година проектот ѝ го презентирала на тогашната власт, која го пофалила проектот и ѝ дала инструкции, но никогаш не дошло до соработка со инвеститор. Во 2017 година, по промената на власта, имала средба со тогашната министерка за труд и социјална Мила Царовска, со која лично се познавала, а таа ѝ посочила дека ќе се основа „Меѓународен сојуз“ и ја упатила таму, пренесе „360 степени“.

Тодоровска отишла на настанот во Музејот на современа уметност каде што била презентирана тогаш новоформираната невладина организација. Таму ѝ пристапила на Фросина Ременски која, пак, ѝ посочила дека ќе ја контактираат од „Меѓународниот сојуз“. Тоа и се случило, па пензионерката имала средба во просториите на сојузот со обвинетите Бојан Јовановски, Јасна Мандиќ и асистенката на Боки, Христина Блажевска.

Таа рече дека им се допаднал проектот, им однела и скици и материјали, а се договориле дека ќе добие хонорар кога ќе се појави инвеститор и кога ќе изврши уплата. Кога се појавил бизнисменот Силјан Мицевски како инвеститор, таа раскажа за средба на која Бојан Јовановски ја повикал Јасна Мандиќ и ја прашал дали може да ѝ се дадат 54.000 евра како хонорар за тоа. Тука застанала дискусијата за хонорарот, а потоа следувало потпишување договор.

– Јас потпишав договор за соработка помеѓу мене како автор на проектот и Сојузот, но ја потпишав само последната страница. На моето барање да го видам договорот, Јасна ми рече „Лиле, 8 саат навечер е, да си одиме дома утре ќе го видиш”, рече Тодоровска.

Ѝ било кажано дека хонорарот ќе ѝ биде даден кога инвеститорот ќе ги уплати парите. На нејзината сметка легнале пари, но таа кажа дека не знае која сума. Со возачот, Мандиќ и Блажевска биле да ги подигнат парите, но неуспешно зашто станувало збор за сума од над 10.000 евра и требало да подлежат на проверка.

– По неуспешното прво подигање на парите, јас Јасна и Христина отидовме во „Меѓународниот сојуз“. Таму имаше голема врева дека заради моите кредити не можеле да се подигнат парите. Јас останав сама кај секретарката, тие беа во канцеларија. По долго време, се појави господинот Кирацовски, ме гушна и ми рече „мајче, не се секирај, ова мора да помине пред финансиска полиција“, рече Тодоровска.

Таа била повикана и во Финансиската полиција со Јовановски и Мандиќ, а потоа и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. И на двете места кажале дека дека сѐ е во ред, има постоен проект, не се работи за никаков криминал. Пред да оди во Обвинителството, таа имала сообраќајка и долг период била во количка, па во Обвинителството ја носеле Јасна Мандиќ, Христина Блажевска и возачот. Таму обвинителот им кажал дека парите ќе бидат ослободени за 15-ина дена. Обвинителката Трајчева понатаму праша како ги подигнала потоа парите.

– На истиот начин. До банка ме носеа Христина, возачот и Јасна. Јасна и возачот останаа надвор, а Христина ме буткаше во количката во банката, рече сведокот.

Таму потпишала две уплатници, едната за парите што ги задржува банката за кредитот што го имала, а другата за исплатата на парите.

– Кога ја потпишав, службеникот почна да ги вади парите од трезорот. Пачка по пачка се броеја парите, Христина стоеше зад мене и во платнена торба ги ставаше парите. Не се сомневав во ништо за да обратам внимание колку пачки имаше. Мислам дека беа банкноти од по 1 000 евра, рече Тодоровска која раскажа и дека не видела за колкава сума станува збор на уплатницата, зашто не носела очила, па само видела дека го има бројот 7 на почеток.

Потоа, рече таа, Христина и возачот заминале од пред бакната, а таа останала со Јасна Мандиќ. Пари не ѝ биле дадени, а во наредниот период отишла во телевизијата, каде што се видела со Јовановски, кој се вратил од пат и тогаш ѝ рекол дека сè уште не се видел со асистенката Христина и нема пари кај него. По ова, Тодоровска исконтактирала со Силјан Мицевски, кому му го раскажала сето ова, по што имала уште една средба со обвинетите Јовановски, Мандиќ и Блажевска за која раскажуваше во солзи.

– Бев повикана од Бојан кај него во телевизијата. Тогаш веќе бев на штаки, не во количка. Отидов, бев силно нападната од Бојан дека сум безобразна, ненормална и кретен од жена што сум му ја кажала вистината на Силјан Мицевски. Тоа беше последната средба со Бојан. Јас бев најбезобразната жена во светот, идиотот… Тоа, пак, Јасна ми го кажа. Христина седеше зад мене и го повторуваше тоа што беше кажано и викаше ‘нависитна си таква, навистина си ненормална, рече Тодоровска.

Таа потоа раскажа и дека била контактирана уште еднаш од Јовановски, Мандиќ и Блажевска за средба, но сите ѝ кажале различни причини. Меѓутоа, не се видела со нив, туку ѝ пишала порака на Фросина Ременски да ја замоли да ѝ помогне, на што експратеничката ѝ вратила:

-Лиле, јас не знам што прават тие луѓе, ама ќе пробам, почитувајќи ти ги годините, да им речам да не те бараат, ѝ одговорила Ременски.

Додека таа сведочеше, обвинетите често префрлаа дека не ја кажува вистината, а адвокатот на Јовановски и Блажевска, Сашко Дукоски, во изјава за медиумите сведочењето го нарече брутално лажење. Како може да не знаете, рече тој, од каде ви легнале над 700 000 евра на сметка, а од кои сте си го отплатиле и кредитот. Дека имала лажно сведочење, тој посочи и за Јованка Кухар која сведочеше претходно на денешното рочиште.