Овие информации се однесуваат исклучиво на механизмот на солидарност односно на вакцините коишто доаѓаат од земјите членки на ЕУ. Ние и на тој механизам интензивно работиме во изминатиот период. За тоа е веќе потврден грантот, некои детали уште се разработуваат и секако некои детали во однос на одговорностите што се однесуваат на трилатералните договори. Тоа значи дека тој механизам на солидарност на ЕУ дефинитивно ќе профункционира по сите надминувања на проблематичните елементи, а тоа, пред се, беше што и самите компании не испорачаа доволно дози кон земјите членки на ЕУ. Ова не се однесува никако на нашите билатерални директни разговори со компании, вклучувајќи ги и европските производители, изјави Филипче за ТВ Телма.

Конкретно, со АстраЗенека веќе имаме потпишано договор преку Ковакс-механизмот, посочи Филипче, ги чекаме и финалните информации од компанијата „Фајзер“ кои се однесуваат кој и како ќе ја преземе одговорноста за несаканите ефекти.

– На тоа потрошивме доста време. Секојдневно разговараме и јас верувам дека овие денови тоа прашање ќе се расчисти, рече Филипче, кој денеска за ова разговарал и со претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

За да се подобри механизмот за респределба на вакцини, ЕУ воведува нова регулатива, која опафаќа две промени во постојниот механизам. Се прави промена во реципроцитет односно ќе се следи дали државата која ги произведува вакцините го ограничува сопствениот извоз на вакцини или нивни суровини. Втората воведена измена во постојниот механизам се однсеува на пропорционалност – што значи дека ЕУ се залага за пропорционална распределба на вакцините, а тоа ќе се утврдува според тоа дали условите што преовладуваат во земјата се подобри или полоши од оние на ЕУ, особено епидемиолошката состојба, стапката на вакцинација и пристапот до вакцините.

За да добие целосна слика за распределбата на вакцини, ЕУ во новата регулатива вклучи 17 држави меѓу кои и Република  Македонија.

– Но, ова никако не се однесува на директни разговори кои која било земја од Западен Балкан ги има со која било компанија, вклучително и европските. Ова се однесува само на трилатералните договори – кога европските земји отстапуваат дел од своите, што е разбирливо, зашто со овие членови во договорите, кои досега ги немаше, тие прво самите се обезбедуваат. Вметнати се две клаузули за еднаквост односно анализа дали земјата на која се дава, евентуално, има доволни количини и таа ја извезува, и епидемилошката слика како еден од факторите во распределбата на дозите, истакна Филипче, подвлекувајќи дека разговорите интензивно се одвиваат во однос на трилатералниот договор и во механизмот на солидарностра се вклучени претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје.