Делегација на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, предводена од претседателот Булос Фахми Искендер, оствари официјална билатерална средба во Уставниот суд. За време на средбата беа отворени повеќе клучни теми од областа на уставното право и уставносудската заштита на правата.

Претставниците на двата суда детално разменија институционални искуства во врска со нивните надлежности, организациската поставеност и начинот на секојдневно работење. Тие ја потенцираа заедничката цел на двете судски институции, насочена кон бескомпромисна заштита на Уставот, зачувување на демократијата и ефикасна заштита на слободите и темелните права на граѓаните.

Во фокусот на стручните дискусии меѓу судиите беа ставени можностите и потенцијалните ризици што произлегуваат од сè поголемата примена на вештачката интелигенција во практичната работа на судовите.

Со оваа средба продолжува практичното спроведување на потпишаниот Меморандум за соработка и разбирање што двата суда го склучија во април годинава во Каиро, за време на Деветтиот конгрес на врховните и уставните судови на африканските земји.

Во составот на египетската делегација, покрај претседателот Искендер, беа и заменик-претседателот на Врховниот уставен суд, Махмуд Мохамед Али Гонеим, како и шефот на протоколот, Мохамед Хасан.

Од домашна страна, на билатералната средба присуствуваа претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски, судиите д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, проф. д-р Ана Павловска-Данева, м-р Мери Дика-Георгиевска, како и советничката за меѓународна правна соработка Татјана Јањиќ-Тодорова.

Билатералната средба се реализираше во пресрет на Четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, со кој годинава претседава токму македонскиот Уставен суд.

Официјалното претседавање ќе се финализира со Меѓународна конференција на која ќе се обрати претседателот Искендер со свој говор на темата за извршување на одлуките на уставниот суд од страна на државните власти, што претставува дел од првата работна сесија посветена на градењето на јавната доверба.