Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи кажа дека има доволно барање за работна сила, но најголем дел од невработените се функционално неписмени.
Додаде дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина се уште висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот.
– Конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мораме да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку што може да придонесе, а тоа значи реквалификација, преквалификација, менување на навиките за работа, истакна Битиќи.
Според него, работа има, барање за работна сила има, но погрешните политики 30 години не дале резултат т.е. произведувале работна сила којашто не одговарало на пазарот на трудот.