Германскиот супермодел и позната телевизиска личност Хајди Клум уште еднаш го потврди статусот на апсолутна предводничка на трансформациите за Ноќта на вештерките. На својата јубилејна 25-та забава организирана во Њујорк, 53-годишната Клум ги остави присутните без зборови, појавувајќи се во целосен костим на крвава, отсечена човечка рака. Оваа необична креација со височина од речиси два метри претставува еден од најсложените визуелни проекти реализирани од манекенката.

Хајди откри дека идејата дошла спонтано минатата година, додека внимателно ја набљудувала својата дланка:

Си помислив: Еј, мислам дека некако би можела да го сместам целото мое тело во ова.

Костимот е прецизна тридимензионална реплика на нејзината лева рака, изработена од холивудскиот артист за специјални ефекти Мајк Марино. Преку детално дигитално скенирање, на маската се пренесени сите текстури, вени и нејзиниот карактеристичен црвен лак за нокти. Горниот отворен дел завршуваше со хиперреалистични детали на скинати мускулни тетиви и крвави коски, симулирајќи свежо отсечен екстремитет.

Иако нејзиниот сопруг, музичарот Том Каулиц, не присуствуваше на прославата поради турнеја со бендот „Токио хотел“ во Германија, Клум додаде личен елемент во маската. На домалиот прст беа моделирани зголемени верзии од нејзините прстени и реплика од тетоважата со неговото име:

Бидејќи тој не е тука, на овој начин дел од Том е сепак со мене вечерва.

Подготовката и нанесувањето на шминката траеле меѓу пет и шест часа. На црвениот тепих ѕвездата беше придружувана од асистенти во заштитна облека кои со медицински шприцеви ѝ вбризгуваа лажна крв во устата, што таа ја плукаше пред објективите. Клум се движеше користејќи ги нозете како дел од прстите, додека палецот го помрдуваше рачно. Таа откри дека маската била исклучително тешка и физички исцрпувачка за носење, поради што под костимот морала да користи пелени за возрасни за време на настанот.