Актерот Драган Бјелогрлиќ, кому денеска му беше укинат притворот по сослушувањето во обвинителството во Ниш, рече дека му е жал што наседнал  на провокации од Предраг Гага Антонијевиќ и дека дозволил нападот да фрли сенка врз настаните во Ниш.

Бјелогрлиќ беше сослушан поради сомневање дека во понеделникот рано наутро неколку пати го удрил по глава директорот Предраг Антонијевиќ во хотелот „Амбасадор“ во Ниш.

– Секогаш се прашував зошто го сакам овој град, тој е со мене во најтешките моменти. Би сакал да им се заблагодарам за професионалноста, за Обвинителството што не подлегна врз притисоците и кое професионално ја заврши својата работа. Затоа што ми дадоа можност да објаснам што се случи, а она што се случи не е она што го пишуваа режимските таблоиди. Жал ми е што наседнав на провокациите на Антонијевиќ кои траат повеќе од една година, жал ми е што Антонијевиќ се појави токму во моментот кога имав две прекрасни премиери и жал ми е што не можев да издржам и да ги игнорирам тие провокации и што дозволив ова да фрли сенка на двата настани во Ниш. Жал ми е што го направив ова. Жал ми е што го направив ова. Јас не се упатив накај него, туку бев тргнат во тоалет, а реагирав тогаш кога тој почна да ми дофрла – емотивно настапи Бјелогрлиќ за медиумите.

По кратката изјава што ја даде за медиумите, Бјелогрлиќ со својот адвокат замина за Белград. Неговиот предмет ќе продолжи и ќе се бараат нови докази, објаснија претходно од Обвинителството на градот Ниш.