Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден за повлекување на американските војници од Авганистан поранешниот премиер на Обединетото кралство, Тони Блер, ја оцени како трагична, опасна и непотребна.
Во контроверзниот коментар на својот сајт за исходот од трагедијата во Авганистан, Блер тврди дека кризата покажала дека Велика Британија ризикува да биде исфрлена во втората лига на глобалните сили.
Во нападот врз Бајден поради ненадејното повлекување на американските војници, Блер пишува дека е очигледно дека одлуката за напуштање на Авганистан не е стратешка, туку политичка.
-Не требаше да го правиме тоа, ние го избравме. Го направивме во согласност со имбецилниот политички слоган за завршување на ’вечните војни’, наведе Блер, алудирајќи на слоганот на Бајден што го користеше за време на изборната кампања.
Бајден пред два дена повтори дека со повлекувањето од Авганистан сакал да стави крај на „бескрајните војни“.
„Напуштањето на Авганистан и неговиот народ е трагично, опасно и непотребно, ниту е во нивен, ниту е во наш интерес“, истакна поранешниот британски премиер.
-Мораме да ги евакуираме и да им дадеме засолниште на луѓето за кои имаме обврска – Авганистанците кои ни помогнаа и кои беа со нас. Тие имаат право да бараат од нас да бидеме со нив. Не треба да се одредуваат произволни рокови. Имаме морална обврска да останеме додека сите оние на кои тоа им е потребно не бидат евакуирани. Не треба да го правиме тоа неволно, туку со големо чувство за хуманост и одговорност, рече Блер.
Тој додаде дека дури тогаш ќе дојде редот на талибанците.
-По евакуацијата, треба да изработиме начини за справување со талибанците. Треба да видиме како да извршиме максимален притисок врз нив. Ова не е толку едноставно како што изгледа. Изгубивме голема предност, но можеме делумно да ја повратиме. Русија, Кина и Иран ќе гледаат да извлечат корист од сето тоа , заклучи Блер.