Највисокиот кинески дипломат Ванг Џи, како што јавуваат тамошните државни медиуми, изјавил дека односите меѓу двете земји се на најниско ниво поради погрешните перцепции на САД за Кина. Нагласил дека двете земји мора да изберат меѓу „соработка или конфликт“
На почетокот од вториот и последен ден од својата посетата на Пекинг, американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со највисокиот кинески дипломат Ванг Џи. Посетата на Блинкен има за цел да обезбеди многуте несогласувања меѓу стратегиските ривали да не се претворат во конфликт.Кинескиот дипломат Ванг Џи, како што јавуваат тамошните државни медиуми, изјавил дека односите меѓу двете земји се на најниско ниво поради погрешните перцепции на САД за Кина.

Нагласил дека двете земји мора да изберат меѓу „соработка или конфликт“.

„Неопходно е да се направи избор меѓу дијалог и конфронтација, соработка или конфликт. Мораме да ја смениме надолната спирала на односите меѓу САД и Кина“,

изјавил Ванг Џи за време на состанокот со Блинкен во Пекинг, пренесоа кинеските државни медиуми.
Блинкен, кој е во Кина втор ден по ред, претходно се сретна и со министерот за надворешни работи Чин Ганг, со кого разговараше речиси шест часа потврдувајќи ја согласноста за продолжување на разговорите на високо ниво.

Двете страни потврдија дека Чин ја прифатил поканата на Блинкен да го посети Вашингтон, но Пекинг јасно стави до знаење дека кинеско-американските односи се на најниската точка од воспоставувањето, а истиот став го делат и американските власти.

Останува нејасно дали Блинкен ќе се сретне со кинескиот лидер Си Ѓинпинг.

Блинкен пристигна во Пекинг во обид да ги намали тензиите меѓу САД и Кина
Посетата беше планирана за февруари годинава, но беше одложена откако САД соопштија дека откриле, а подоцна и собориле кинески шпионски балон. Целта на посетата, како што соопштија американските власти, е повторно воспоставување на комуникација на високо ниво и стабилизирање на односите меѓу САД и Кина.