Високиот суд во Кенија соопшти дека кениската влада го прекршила Уставот дозволувајќи изградба на објект за карантин на заболени од ебола, поддржана од американската администрација, без претходно да ја вклучи јавноста во процесот на одлучување.
Судијката Патриша Њаунџи ѝ наложи на кениската влада во рок од 45 дена да ги објави сите договори склучени со САД, како и целосно да ја запре натамошната изградба и работата на спорниот објект.
Објектот со капацитет од 50 легла, изграден во рамките на воена база во областа Лаикипија, во централниот дел на Кенија, предизвика протести кај локалното население, кое стравуваше од изложување на опасниот вирус и можно ширење на епидемија што дополнително би го оптоварила и онака слабиот здравствен систем на земјата.
Високиот суд уште во мај нареди прекин на изградбата на објектот до завршувањето на судската постапка што ја покренаа Кениското здружение на правници и Институтот „Катиба“, кој го следи почитувањето на Уставот. Тужителите во постапката тврдеа дека здравствениот систем на Кенија не е доволно опремен за соодветно да се справи со евентуална епидемија на ебола.
Претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопштија дека Американците изложени на ебола во странство би биле упатувани во тој објект, наместо да бидат вратени во Соединетите Американски Држави. Американската влада имаше план да издвои 13,5 милиони долари за поддршка на Кенија во подготовките за евентуална епидемија на ебола.
Жителите изјавија дека набргу по почетокот на изградбата на објектот забележале како воени авиони слетуваат во базата. Во исто време, една хуманитарна организација со седиште во САД соопшти дека дел од нејзините вработени, кои претходно работеле во Конго, биле ставени во карантин токму во Кенија.
Кенија во октомври го пријави првиот случај на ебола во својата историја, откако еден нејзин државјанин допатува од Конго преку Уганда. Во земјата досега се регистрирани вкупно девет случаи, а сите заболени имале директен контакт со првото лице кај кое била потврдена болеста.
