Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен од понеделник до четврток ќе го посети Брисел, каде ќе учествува на состанокот на НАТО и ќе разговара со високи претставници на ЕУ, објави Стејт департментот.

– Состаноците ќе овозможат да се потврди ангажманот на Соединетите Американски Држави кон своите сојузници и европските партнери околу нивните заеднички цели, се вели во изјавата на портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

Блинкен ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на 23 и 24 март, и ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и шефот на дипломатијата на ЕУ, Џозеп Борел.

– Во разговорите со НАТО, Блинкен ќе ја изрази својата загриженост за Кина и Русија, како и за климатските промени, кибер безбедноста, борбата против тероризмот и енергетската безбедност, рече Прајс.

Средбите со високите претставници на ЕУ треба првенствено да се однесуваат на пандемијата на Ковид-19, економското закрепнување и „зајакнувањето на демократијата“.

По виртуелните средби со неговите канадски и мексикански колеги, Блинкен отпатува во Јапонија и Јужна Кореја и сега ја продолжува турнејата кај сојузниците во САД.

За време на посетата, Бликен ќе се сретне и со неговата белгиска колешка Софи Вилмс.