Во текот на вчерашниот ден пристигнаа 30.000 вакцини „Синовак“, како донација од Турција. Тие, како што најави ресорниот министер Венко Филипче, во најбрз рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови во државата.
Во објава на Фејсбук Филипче изрази голема благодарност до Република Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката, но пред се, за експресната испорака на ветената количина.
Од МЗ истакнуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Досега вкупно 444.898 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“.
Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Согласно Националниот план за имунизација се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата „vakcinacija.mk“, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата, и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Бројот на новозаболени од вирусот и вчера беше двоцифрен. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 28 случаи на заболени од Ковид-19. Пет лица починаа, а оздравеле 23 пациенти. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, вчера беа направени вкупно 2.619 тестирања, а регистрираните нови случаи се од Скопје – 16, Куманово – девет Тетово – двајца, и еден во Прилеп.
Според податоците што ги објави вчера МЗ за претходното деноноќие, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 125 и има околу 500 празни болнички кревети во ковид центрите. Во ковид центрите во Скопје немало хоспитализирани нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а 48 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Во ковид центрите во болниците низ земјава, пак, е пријавено дека се лекуваат вкупно 77 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 821.365 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.469. Бројката на оздравени пациенти е 149.551, а починаа 5 467.