Нивото на капитални инвестиции расте секојдневно. Ги правиме последните анализи за третиот квартал. Моите очекувања се дека нашиот основен буџет ќе биде преку 60 проценти во третиот квартал, а до крајот на годината очекуваме 80 отсто. Активно работиме на тоа, активно работат сите ресорни министерства со цел да вбризгаме што е можно повеќе средства во економијата во изградбата на патишта, градинки, водоводи, канализации, училишта, спортски сали и се што е важно за раздвижување на економијата, рече денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Како што изјави Бочварски, се очекува во септември, октомври, па и во ноември, кога градежната сезона е се уште активна, капиталните инвестиции да продолжат да растат.
Во врска со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, Бочварски информира дека петтиот анекс со кој се продолжува Договорот и кој треба да се реализира преку измена и дополна на закон, е веќе доставен во Собранието.
Мојот апел е до сите политички партии час поскоро да го изгласаат петтиот анекс за да може дополнително да се засилат активностите во делот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Ние ги отстранивме тековните прашања и сите оние проблеми што ги затекнавме во минатото и сега очекуваме час поскоро да биде усвоен и изгласан овој закон, односно дополнување на Законот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид за да можеме да продолжиме со уште посилно темпо и динамика, а и секако согласно роковите што се дадени во овој Договор, да заврши до крајот на 2025 година целиот автопат со потсекции, со сите решени прашања, но притоа и државата да ги отстрани прашањата што ќе се јавуваат во идниот период, потенцира Бочварски.