Министерството за транспорт и врски во пресрет на носењето на ребалансот на Буџетот веќе направи реалокација на средства и ги намали сите непродуктивни трошоци кои претходно беа предвидени, а додаде средства за изградба на капитални инвестиции, особено во делот на изградбата на гасоводите, потврди денеска ресорниот министер Благој Бочварски.
-Од исклучително значење е во овие периоди на енергетска криза државата да даде фокус на изградбата на гасоводите и да скрати се што е во делот на непродуктивните трошоци, што и го направивме. Во буџетот на Министерството за транспорт и врски во делот на непродуктивните трошења скративме онолку колку што беше предвидено од страна на Министерството за финансии, а додадовме во делот на изградба на капиталните инвестиции, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање при денешниот увид во изградбата на браната Отиња во Штип.
Тој нагласи дека очекува пратениците што поскоро да го донесат ребалансот на Буџетот со цел да се скрати делот во кој бил предимензиониран, а да се додадат средства таму каде што недостигале за да може фокусот да се стави на капиталните инвестиции. Посочи дека и во моментов интензивно се градат двата краци од магистралните гасоводи низ земјава.
-Едниот крак кон Битола веќе е завршен и се прават финалните постапки за решавање на неколку точки од кои едната е кај Неготино поради што имавме пренасочување на гасоводната цевка. Добар прогрес има и на гасоводот кон Гостивар. Работиме и на постапките за одобрување на инфраструктурните проекти за магистралниот гасовод кон Гевгелија, односно на гасниот интерконектор кон Грција кој е од исклучителна важност за постигнување на уште поголема енергетска независност на државата, рече Бочварски.
Се работи, додаде, и на кракот кон Велес кој е многу важен, но и на постапки за физибилити студии за продолжување на краците од Гостивар за Кичево и Охрид и од Битола до Охрид за да се затвори прстенот за гасификација на целата држава.