Инстаграм инфлуенсерот Никола Николовски кој пишува под псевдонимот Боемот 2.0 овој пат даде свој коментар околу консумацијата на дрога и алкохол кај младите, но и навлекувањето на казина и обложувалници.
Неговата објава ја пренесуваме во целост:
Спорт, здравје и едукација наместо комар, дрога и алкохолизација!
Секојдневно сме сведоци на немили настани каде млади луѓе се навлекуваат на пороци, а за жал некогаш случајот завршува и со фатални последици. Тешко ми е, млади луѓе најубавите години од животот си ги упропастуваат навлекувајќи се на работи од кои нема назад. Ситуацијата е загрижувачка, кај студенти главна тема е црната хроника наместо ведри теми и нешто продуктивно.
Комарот е порок. Дрогата е порок. Алкохолот во големи количини е порок. Пороците се штетни и истите не смеат никако да се оправдаат. Предозираноста доведува до последици кои долгорочно ќе имаат влијание на организмот, а истите ќе ви се одразат штетно – порано или подоцна.
Мене ме загрижува тоа што фраери се оние кои шмркаат, секојдневно се пијанчат и се коцкаат. Не, тоа не е фраер туку лабилна личност која нема свое јас и е склона кон пропаст. Не, не е јако ако коментираш ,,еднаш се живее”. Не! Се живее секој ден, а еднаш се умира. Затоа памет во глава.
Наместо овие штетни работи ајде да се свртиме кон спорт, здравје и едукација. Да читаме книги, да зборуваме за бизниси, да правиме пари и да го освојуваме светот со идеи. Да бидеме просперитетна младина која со патриотски чувства државата ќе ја носи напред. Имаме потенцијал, да го искористиме додека можеме!
Бидете внимателни и разумни, сакајте го своето тело и размислете два пати пред да направите нешто. Да бидеме примерот во општеството кој сакаме да го видиме и конечно да зборуваме за идеи, развој и просперитет! ❤️
Боемот 2.0
View this post on Instagram