МЗТ Скопје Аеродром сепак нема да добие шанса да се бори преку бараж за опстанок во АБА лигата, откако во одлучувачкиот натпревар вечерва во трилер меч Борац славеше на гостувањето кај Будуќност со 85-87.

Гостите подобро го отворија натпреварот и брзо стигнаа до двоцифрена предност (4-15). Сепак како одминуваше првиот период Будуќност заигра далеку подобро и по десет минути игра имаше предност од 22-21. Втората четвртина помина во егал игра па на полувреме се замина со нерешен резултат (42-42).

Борац заигра далеку подобро во продолжението на мечот. Ја добија третата четвртина со четири поени предност (66-70), а на стартот на последните десет минути повторно стигнаа до плус осум (66-74).

Во последниот период се играше кош за кош. Будуќност имаше две слободни фрлања за израмнување при резултат 84-86, но само едно реализираше О’Брајан. И двата тима имаа по еден напад кој не го искористија, па Борац со две слободни фрлања на секунда до крајот го одлучи победникот (85-87) и ќе игра плеј-оф за опстанок во регионалното друштво.

Хејл со 25 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Бејл-Хејнс постигна 18 поени.