Србија се согласи да го укине издавањето влезно-излезни документи за лицата кои имаат косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за оние кои имаат српски лични карти, изјави денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Борел на Твитер наведе дека е „постигнат договор“ во преговорите меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

-Косовските Срби, како и сите други граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија, користејќи ги нивните лични карти. ЕУ штотуку доби гаранции од (косовскиот) премиер Албин Курти за ова, рече Борел.

Тој додаде дека тоа е „европско решение“ и им честиташе на Курти и на претседателот на Србија Александар Вучиќ.

-Им честитаме на двајцата лидери за оваа одлука и за нивното водство, додаде Борел.