БМВ, Рајнметал и други германски индустриски компании подготвуваат формирање на заедничка компанија за тргување со критични суровини. Целта на ова здружување е заедничка набавка, финансирање и инвестирање во рударски проекти, како и одржување на стратешки резерви.

Се очекува подготовките за овој голем проект да завршат до средината на 2027 година, паралелно со плановите за развој на германскиот државен фонд за суровини, чија вкупна вредност би достигнала до 1,5 милијарди евра. Планот на индустријата доаѓа во момент кога Германија и Европската Унија се обидуваат да обезбедат сигурни залихи од критични минерали како бакар, литиум, графит и кобалт, кои се неопходни за автомобилската индустрија, одбраната, енергетиката и електрониката.

Носители на иницијативата се водечките компании од одбранбениот сектор и германската Асоцијација на автомобилската индустрија (VDA). Од асоцијацијата соопштија дека за подобра координација на владините капацитети, Сојузниот институт за геологија би требало да прерасне во Германска агенција за суровини и енергетска безбедност, со проширен мандат и дополнителни надлежности за поддршка на стратешките проекти и олеснување на соработката меѓу владата, индустријата и меѓународните партнери. Според податоците, во 2024 година Кина учествувала со дури 91 отсто во глобалното производство на преработени ретки земјени елементи за магнети, 94 отсто во преработката на графит за батерии, 78 отсто за кобалт, 70 отсто за литиум и околу 44 отсто за бакар на светско ниво.

„Без сигурно снабдување со критични суровини, не е можно да се оствари силна индустриска вредност во Германија. Нашата зависност од мал број земји-снабдувачи ги прави синџирите на снабдување ранливи на геополитичките тензии, ограничувањата на извозот и наглите скокови на цените. Затоа е неопходно да ги диверзифицираме изворите на суровини и да ги направиме синџирите на снабдување поотпорни. Рамката за безбедност на суровините нуди конкретен пристап за постигнување на оваа цел, преку поврзување на индустриската побарувачка, корпоративната одговорност и сигурната политичка рамка“, истакна Хилдегард Милер, претседател на Асоцијацијата.

„Ниту една компанија не може сама да се справи со зависноста од стратешки суровини. Преку Рамката за безбедност на суровините, ги поставуваме темелите за обединета побарувачка за суровини, пристап до нови извори на снабдување и распределба на ризиците на повеќе страни. Заедно со владата, имаме за цел да ја зајакнеме сигурноста во снабдувањето и да обезбедиме поголема предвидливост при планирањето во индустријата – од мали и средни претпријатија до големи корпорации“, изјави Николај Мартин, претседавач на Комитетот на VDA за синџири на снабдување во автомобилската индустрија.

Македонија во моментов не е директно вклучена во оваа европска потрага по критични суровини, иако се најавуваат повеќе геолошки истражувања. Додека домашната економија силно зависи од случувањата на германскиот пазар, во земјава моментно се спроведува само едно геолошко истражување за присуство на антимон кај Крива Паланка. Воедно, постои само една сериозна најавена инвестиција во ископ на критичен минерал – рудникот за бакар во Иловица, каде се предвидува експлоатација од 10 милиони тони руда годишно и просечно годишно производство проектирано на над 10 илјади тони бакар.

Секторот за рударство во Македонија бележи надолен тренд, иако домашните експерти апелираат државата навреме да фати чекор со европските трендови. Универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски, неодамна оцени дека Македонија се наоѓа во статус-кво состојба со неискористен потенцијал.

„Направени се минерални испитувања, докажано е дека постојат, но досега не ги искористуваме. Всушност ова се нашите „пет минути“,коишто можат да поминат, а ние така да останеме. Критичните минерали во моментов се потребни. Кога за неколку децении ќе се заситат, тие метали коишто се сега во моментот критични, можеби нема веќе да бидат критични“, оцени Начевски.

Властите во Берлин официјално застанаа зад иницијативата на германските индустриски гиганти. Германското Министерство за економски прашања и енергетика соопшти дека земјата мора да ја намали зависноста од мал број добавувачи на критични суровини и да изгради поотпорни синџири.

„Со планираната германска Компанија за тргување со суровини, индустријата презема одговорност преку здружување на набавките и развивање нови извори на снабдување, со што придонесува за создавање поотпорни синџири на снабдување“, изјави Луиза-Марија Шпо, портпарол на Министерството.

Канцеларот Мерц претходно предупреди дека состојбата со критичните суровини, како што е бакарот, директно влијае врз економијата и националната безбедност, нагласувајќи дека без овие суровини нема современи батерии, електромотори ниту полупроводници. Тој побара диверзификација на изворите, засилување на циркуларната економија и создавање европски резерви.