Ако сакаме здрава држава прво треба да имаме здраво судство, односно луѓе кои ќе знаат да пресудат без разлика кој е на власт и без разлика кој е политчки помоќен во државата, изјави Владимир Божиновски во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Телевизија Алфа.
– Државата мора да почива на темели, еден од тие основни темели е правда односно обидот граѓаните кои се дел од едно општество и држава да знаат дека доколку згрешат да ќе бидат осудени, рече Божиновски.
Божиновски посочи дека оваа власт воопшто не е заинтересирана за етиката во политиката, иако тоа беше една од нивните цели за да дојдат на власт.
– Друга работа они воопшто и веќе не се замараат со тоа како ќе бидат претставени пред народот и колку ќе му се допаднат на народот за да ги гласа, затоа што им е јасно дека на следните избори нема повеќе да бидат на власт, кажа Божиновски.
Божиновски истакна дека примарната цел на власта е што можно повеќе да остане на власт, за да ги избегне оние предвремени парламентарни избори кои се надвиснати со самото формирање на владата во 2020та година со многу слабо мнозинство, многу партнери, многу нерешени односи
Тој додаде дека според сите истражувања кои ги видовме изминатиот период очигледно дека после следните избори ќе имаме нова влада.
– Жално е само што за се она што се залагаше оваа власт пред да дојде на избори го направи токму спротивното. Имаше целосно игнорирање на гласот на граѓаните и целосна манипулација во однос на тие предизборни ветувања, вели Божиновски.