Три координирани напади со импровизирани запаливи и експлозивни направи се случија утрово во Солун, пред станбени згради во кои живеат членови на владејачката партија Нова демократија и нејзини локални функционери. Во нападите се повредени пет лица, а грчкиот премиер Киријакос Мицотакис порача дека нема да толерира појава на нов тероризам во Грција.

Нападите се случиле меѓу 4 и 4.45 часот, на три различни локации во Солун. Експлозивните направи биле изработени од камперски плински боци и запалив материјал.

Во првите два напада била причинета само материјална штета, додека во третиот напад, при кој се запалиле автомобили и мотоцикли, се повредени пет луѓе.

Меѓу повредените е и кандидатката за пратеник на владејачката партија Афродити Нестора, која се здобила со изгореници. Нејзината мајка е во критична состојба и е сместена на интензивна нега, а уште тројца жители биле хоспитализирани поради вдишување чад.

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, отпатува во Солун за да ги посети повредените. Тој ги оцени нападите како „кукавички обид за убиство“, нагласувајќи дека политичкото насилство нема место во демократско општество.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите. Грчката полиција води истрага, а првичните информации укажуваат дека целта биле лица поврзани со владејачката партија Нова демократија.

Претходно, на состанок на пратеничката група на Нова демократија, Мицотакис рече дека има „нулта толеранција за секаков облик на нов тероризам што би се појавил во Грција“. Тој изрази згрозеност и гнев за, како што рече, „кукавичкиот, терористички и убиствен напад“.

Мицотакис порача дека Нова демократија во минатото го плати со крв домашниот тероризам и дека во никој случај нема да дозволат повторно појавување на такви појави.

– Испраќаме сосема јасна порака: ќе ве најдеме и ќе ве изведеме пред лицето на правдата. И ова, верувам дека е заложба не само на нашата партија, туку и на сите грчки граѓани кои сакаат нормален живот, без насилство и без вакви појави што во минатото ја повредија, не само нашата партија, туку и земјата – порача Мицотакис.

Експлозиите се случија пред домовите на претседателот на Управниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисис Јоакимовиц, на поранешниот пратеник од партијата Савас Анастасиадис и на партиската кандидатка Афродити Нестора.