Нови насилни инциденти ја потресоа албанската престолнина Тирана, откако протестот насочен против владата на премиерот Еди Рама повторно ескалираше. Група демонстранти со качулки запалија канти за отпад и фрлаа камења врз полициските сили распоредени пред зградата на Министерството за образование.

Протестот започнал со собир на неколку стотици граѓани пред ресорното министерство. Присутните скандирале „Рама, поднеси оставка!“ и „Нема Албанија без млади!“. Иако собирот првично поминувал мирно, ситуацијата нагло се влошила кога група млади лица со качулки запалила неколку канти за отпад, а потоа почнала да вади камења од тротоарот и да ги фрла кон кордонот на безбедносните служби.

Пред зградата на Министерството за образование биле распоредени засилени полициски сили, меѓу кои и припадници на специјалните полициски единици, а на местото бил поставен и воден топ за евентуално разбивање на толпата.

Протестите против актуелната влада траат со месеци. Незадоволството првично се засилило поради спорниот проект за изградба на туристички комплекс на албанското крајбрежје, поврзан со компанија основана од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Подоцна, незадоволството прерасна во пошироко протестно движење поттикнато од обвинувања за корупција, лошата состојба во образовниот и здравствениот систем, високата невработеност и ограничените можности за младите луѓе.

Од средината на октомври собирите се соочуваат со сè почести насилни инциденти. Во текот на претходните судири беа оштетени и опожарени повеќе јавни објекти, вклучително згради на министерства, судници, како и приватни продавници и банкарски филијали.

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо претходно соопшти дека од почетокот на ескалацијата се повредени речиси 350 лица. Меѓу настраданите се евидентирани околу 200 полициски службеници, 100 демонстранти и 40 случајни минувачи, а досега се уапсени 269 малолетници. Власта најави воведување построги законски казни за учество во насилни демонстрации, со парични глоби кои достигнуваат до 5.500 евра.