Сето ова се коментира како политичко влијание и заштита на главниот виновник за случајот веќе поранешниот директор на Болницата во Струга, Мухамед Асани. Случајот со Асани, министерот за здравство Венко Филипче мисли дека е затворен со самото разрешување на Асани од директорското место. Но, случајот не завршува тука.

Прво, треба да се испита работењето на приватната ординација на Асани, второ, треба да се разгледа и лиценцата за работа, односно да се оди кон одземање на истата за случајот. Дополнително одговорност треба да сноси и Лекарската комора, од претседателката Калина Гривчева Старделова, како и нејзиниот заменик Илбер Бесими.

Претседателката Гривчева Старделова е позната по непочитување на правни норми како Одлуката на Антикорупциска. Одлуката вели дека Гривчева Старделова треба да биде или само прв човек на Комората или само директор на Клиниката за гарстоентерохепатологија, бидејќи претседателот на Комората ја оценува работата на директорите на јавните здравствени установи. Или двајца компромитирани лекари ја водат Комората.

Токму затоа случајот со родилката не може да добие разрешница. Случајот отиде до таму што гинекологот Мухамед Асани во изјавата за операцијата го згрешил полот на бебето што со царски рез го родила Јилдиз Веапоска, родилката од Дебар, која по породувањето, дома си замина без бубрег, јајчник и матка, а Лекарската комора не најде лекарска грешка во нејзиното лекување.

Веапоска сведочеше за медиумите дека го добила извештајот од стручниот надзор за нејзиниот случај во кој стои дека имало крвавење од артеријата на левата страна на бубрегот.

– Во извештајот Асани навел дека сум родила жив машки плод. Јас родив женско бебе. Ова ми да дава за право да мислам дека тој воопшто не бил на мојата операција, вели Веапоска.

Таа и лично го побарала извештајот во Комората. Во извештајот не се наведени имињата на лекарите кои го направија стручниот надзор во болницата во Струга и утврдија дека при оперирањето и лекувањето на Веапоска не се направени пропусти.

Откако министерот за здравство Венко Филипче и Лекарската комора не сакаа да ги кажат имињата на лекарите кои не најдоа пропусти, Веапоска рече дека ќе ги објави ако ги добие.

– Потпишан е само Илбер Бесими, потпретседателот на Лекарската комора. Ги нема имињата на лекарите кои не најдоа лекарска грешка за тоа што ми се извадени бубрег, јајчник и матка, рече родилката Веапоска.

Таа најави дека ќе се консултира со адвокатот за следните чекори што ќе ги преземат откако е јасно дека во извештајот на Лекарската комора има очигледно неточни податоци.