Британското Министерство за одбрана објави нов извештај за ситуацијата на бојното поле во Украина.
Денес, нивниот фокус е на ситуацијата во руската армија.
Британците пишуваат дека Русија се надева дека ќе ги исправи претходните проблеми, па инвазијата во оваа фаза од војната географски ја ограничиле на помала област од претходно. Ова, велат Британците, ги скрати нивните линии за снабдување и ја поедностави командата и контролата.
„Русија сè уште се соочува со значителни предизвици. Таа беше принудена да се спои и прераспореди исцрпени и различни единици од неуспешниот напредок во североисточна Украина. Многу од овие единици веројатно ќе страдаат од ослабен морал“, велат Британците.
Тие понатаму велат дека остануваат значителни недостатоци во руската тактичка координација. Воздушната поддршка за руските војници на теренот, велат Британците, е неконзистентна.
Сето ова, сметаат тие, и покрај локализираните успеси, ја остави Русија неспособна целосно да ја искористи својата борбена сила.