Брод под знамето на Сан Марино утринава бил зафатен од пожар во Црното Море, во близина на романското пристаниште Сулина, откако, според сведоштва на морнари од околните пловни објекти, бил погоден од два дрона. На бродот имало 12 морнари, од кои осуммина се водат како исчезнати, а романските спасувачки служби спроведуваат операција за нивно пронаоѓање.

Претставници на романската Агенција за спасување на море (ARSVOM) изјавија дека бродот на кој му е потребна помош се наоѓа на 14 наутички милји од Сулина, според информативниот портал Digi24.

Причината за пожарот сè уште не е официјално позната, но сепак, во текот на ноќта во областа било издадено предупредување откако во 1:34 часот по полноќ бил детектиран дрон. Дронот потоа исчезнал од радарот над романските територијални води – сличен случај со оној што се случил претходната вечер, кратко по 20 часот.

Романските спасувачки тимови спроведуваат операција во која се вклучени и пловен објект и хеликоптер.

Романски воздухоплови биле кренати во воздух во текот на ноќта откако воените радари детектирале дронови во близина на Сулина и во околината на Змискиот остров (Островот Серпилор).