НАТО ја започна годишната вежба за одбрана на територијата на Алијансата со употреба на нуклеарно оружје, потврдил денеска портпарол на воената команда на НАТО во белгискиот град Монс, јави ДПА. Вежбата „Steadfast Noon“ ќе трае до крајот на следната недела, а во неа ќе учествуваат војници од 17 земји.

Германија испратила три авиони „Торнадо“ од 33-тото тактичко воздухопловно крило во воздухопловната база Авиано, во северна Италија. Според германското воено воздухопловство, во вежбата учествуваат и неколку десетици германски војници.

Германските авиони „Торнадо“ вообичаено се стационирани во базата Бихел, во сојузната покраина Рајнска област-Пфалц, западна Германија. Според непотврдени информации, во базата се чува американско нуклеарно оружје, кое во вонредна ситуација би можело да биде исфрлено од германски ловци-бомбардери во рамки на договорот на НАТО за споделување нуклеарно оружје, потсетува ДПА.

И бази во Италија, Белгија и Холандија се сметаат за локации каде што во Европа е складирано американско нуклеарно оружје.

НАТО до неодамна не објавуваше детали за овогодишната вежба. Од седиштето на Алијансата соопштиле само дека нејзиниот обем ќе биде сличен на оној на минатогодишната. Тогаш учествувале околу 2.000 воени лица и повеќе од 70 авиони, меѓу кои и најсовремени ловци Ф-35, авиони за надзор и авиони-цистерни.

Сценариото на сегашната вежба не е објавено. Според воени експерти, вежбите што редовно се одржуваат во октомври опфаќаат обука за безбеден транспорт на оружјето од подземните складишта до авионите и негово монтирање на ловците.

За време на овие активности и во следните вежби за напад се користат само вежбовни бомби без нуклеарни боеви глави, потсетува ДПА.