Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 35-годишен турски државјанин, осомничен за обид за убиство, кривично дело предвидено во член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Настанот се случил околу полноќ на улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов“ во близина на Клубот на пратеници во Скопје. По вербална расправија меѓу двајца турски државјани, расправијата прераснала во физичка пресметка. Едниот од нив, сега оштетен, бил соборен на земја и останал повреден.
Според обвинителството, осомничениот потоа земал метален капак од шахта и неколку пати го удрил оштетениот по главата. Иако повредениот веќе лежел на земја во безсознание, насилството продолжило – осомничениот го удирал со нозе по телото и главата. Дури ни пристигнувањето на полицијата не го одвратило од нападот, па продолжил со ударите сè додека не бил совладан од службениците.
Жртвата се здобила со тешки телесни повреди и е во животозагрозувачка состојба, поради што е хоспитализирана на Клиниката за неврохирургија.
Обвинителството укажува дека постои опасност осомничениот да побегне, со оглед на тоа што нема регулиран престој во државата како турски државјанин, што би можело да го загрози текот на постапката или да доведе до повторување на делото. Поради тоа, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен предлог за определување мерка притвор.