Несекојдневен и забавен момент го одбележа ревијалниот натпревар меѓу ветераните на Вердер Бремен и Реал Мадрид. Наместо класичните спортски напитоци и вода, поранешните фудбалски ѕвезди за време на официјалната пауза беа послужени со алкохол директно на теренот.

Настанот беше организиран по повод одбележувањето на стогодишниот јубилеј на култниот стадион „Везерштадион“. Пред околу 40.000 навивачи на трибините, екипата на домаќините триумфираше над легендите на кралскиот клуб со резултат од 4:3.

Во моментот предвиден за одмор, помошниот персонал внесе послужавници со пиво и жестоки пијалаци. Фудбалерите со насмевка ја прифатија оваа сцена, која претставува директно потсетување на една од најпознатите анегдоти во германскиот фудбал поврзана со судијата Волф-Дитер Аленфелдер.

Арбитрот во 1975 година направи историски гаф кога го отсвири полувремето по само 32 минути игра, а подоцна призна дека пред средбата пиел пиво и шнапс. Од тој момент, комбинацијата на овие пијалаци стана култна традиција меѓу локалните навивачи во Бремен.

Натпреварот понуди и динамична игра во која за Вердер погодија Сократис, Розенберг, Харистеас и Диего, додека стрелци за шпанскиот состав беа Рубен де ла Ред, Хозе Каљехон и Гарсија Ињигез. За германскиот тим настапија познати асови како Аилтон, Мертесакер, Боровски и Фрингс, а тимот од клупата го предводеа искусните Томас Шаф и Ото Рехагел.

Од другата страна, боите на шпанскиот гигант ги бранеа фудбалски величини како Клод Макелеле, Пепе, Кристијан Карембе и Естебан Камбијасо. По завршувањето на средбата, тренерот Шаф со емоции се осврна на богатата клупска историја и убавите спомени.

Имаме толку многу неверојатни години и спомени на кои можеме да се навратиме, од детството кога ги гледавме натпреварите од трибините, до големите мечеви што имавме среќа да ги доживееме. Лигата на шампионите очигледно беше еден од врвовите

Снимките од необичното освежување на теренот експресно станаа вирални на социјалните мрежи, а фановите со воодушевување ја поздравија оригиналноста на организаторите.