Во рамки на одбележувањето на дваесетгодишнината на Здружението на граѓани „Разбој“, публиката во Ликовниот салон во Велес имаше прилика да го проследи првиот самостоен настап на новоформираниот етно состав ВИС „Адет“. Настанот насловен „Нишки од мелодија исткаени“ понуди автентична изведба на стари и изворни македонски песни.

Иницијативата за формирање на овој музички состав потекнува од почетокот на септември од страна на младиот велешки тамбураш и вокалист Христијан Саздовски, заедно со колеги од средните музички училишта „Илија Николовски – Луј“ од Скопје и „Сергеј Михајлов“ од Штип. Меѓу членовите има и студент од катедрата за Етнокореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а сите тие свират на традиционални народни инструменти како гајда, кавал, тамбура и тапан.
-Нашите планови за во иднина се да го презентираме, зачуваме и афирмираме нашиот традиционален мелос, како и нашата традиционална песна. Целта на составот е традиционалниот мелос и традиционалната песна да допре до публиката.Тоа што го изведувале нашите предци – да го слушнат, сегашните генерации, а и нашите потомци – рече Саздовски.

Составот го сочинуваат вкупно десет талентирани музичари: Христијан Саздовски, Калин Ристов, Лука Кузевски, Ангел Димитров, Андреј Бошев, Бојан Дрндаревски, Антонијо Тренчовски, Ѓорѓи Бакаров, Калина Антовска и Тамара Цветковска. Младите изведувачи се надеваат дека во претстојниот период ќе настапуваат на повеќе манифестации ширум Македонија каде што се негува и промовира изворното музичко творештво.

https://www.instagram.com/p/DZXnJ1bF-4L/
