Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека ребалансот на Буџетот покажува целосен економски дебакл на Владата на Христијан Мицкоски. Во интервју за „Тема на денот“ на Сител Телевизија, тој предупреди дека државата се движи кон сериозна финансиска криза.

„Гледајте каков дебакл е на секое друго поле. Буџетот е празен, ребалансот е страшен дебакл“, рече Филипче.

Тој порача дека Владата нема план, стратегија и доволно средства за основните потреби на граѓаните.

Според Филипче, со ребалансот се гледа огромен раст на дефицитот, а не се предвидени доволно пари за соодветен раст на пензиите и платите.

„Огромен раст на дефицитот, нема предвидени пари ни за соодветен раст на пензиите, пензионерите се изневерени, ни за раст на платите. Нема доволно пари за субвенции во земјоделството. Нема доволно пари за зголемување на социјалните трансфери. Сè е статус кво“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека ова претставува сериозен проблем за државата.