Владата продолжува со политики насочени кон граѓаните преку инвестиции кои треба да обезбедат подобар животен стандард и посигурна иднина, што се потврдува со проекцијата на Буџетот за 2027 година. За исплата на пензии за следната година се предвидени рекордни 123,8 милијарди денари, односно околу 2 милијарди евра, што претставува зголемување од 5,6 милијарди денари во споредба со 2026 година.

Во делот на социјалната заштита, за социјални надоместоци се планирани 14,3 милијарди денари. Здравството исто така останува една од клучните области во новиот буџет, каде за здравствена заштита се наменети 58,7 милијарди денари, што е за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на претходната година.

За набавка на медицинска опрема се издвоени 198 милиони денари, со што е остварен раст од речиси 54 проценти. Од овие средства, 115 милиони денари се наменети директно за набавка на нови медицински возила, додека 65 милиони денари се предвидени за новите клинички центри во Скопје и во Штип.

„За Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестициите во образованието претставуваат инвестиции во иднината на државата, затоа во Буџетот за 2027 година предвидува повеќе средства за подобрување на образовниот процес, ученичкиот и студентскиот стандард, како и за модернизација на образовната инфраструктура. Средствата за основното образование се зголемуваат за 20 проценти и достигнуваат 2,4 милијарди денари, додека за средното образование се предвидени 2,5 милијарди денари, што е раст од над 12%. За ученичкиот стандард се планирани 696 милиони денари, а за студентскиот стандард 1,9 милијарда денари“, се вели во партиското соопштение.

Паралелно продолжуваат и градежните активности за високообразовната инфраструктура, вклучително и довршувањето на објектите на ФИНКИ и изградбата на нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. За изградба, опремување и одржување на детските градинки во 2027 година се предвидени 83,2 милиони денари, што претставува раст од 380 проценти во споредба со 2026 година.

„Овие бројки покажуваат дека и со Буџетот за 2027 година Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиките насочени кон потребите на граѓаните и создавање услови за подобар животен стандард, за пензионерите да имаат сигурност и достоинствен живот, семејствата да добиваат поголема поддршка, пациентите поквалитетна здравствена заштита, учениците и студентите подобри услови за образование, а младите повеќе можности својата иднина“, соопштуваат од партијата.

Од почетокот на мандатот Владата преку конкретни проекти ги постави младите меѓу главните приоритети, унапредувајќи ги условите за образование, студентскиот стандард и можностите за вработување, самовработување и професионален развој.

„Една од актуелните мерки е воведувањето на студентската картичка, која ќе им овозможи на студентите низа поволности, вклучително и 20% пониски цени за услугите што ќе ги користат преку апликацијата М-услуги. Надлежните институции работат координирано на реализација на оваа мерка, за која ќе биде обезбедена соодветна законска рамка со цел студентите да добијат дополнителни бенефиции и поддршка, освен усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата“, стои во соопштението.

Поддршката за студентите опфаќа и претходно спроведени активности, при што преку доделувањето на 55.000 ваучери од 250 евра за електронски уреди се овозможи пристап до современа дигитална технологија. Во делот на сместувањето, во септември беше пуштен во употреба реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ со капацитет од 1.150 студенти, додека во тек е и темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, проект со вредност од околу 10 милиони евра.

Овој зафат е дел од програмата за реновирање на девет студентски домови, а вселувањето на 280 студенти во реновираниот дом се очекува од 1 февруари наредната година. Дополнително тече процесот на целосна дигитализација и воведување електронски индекси на универзитетите, како и проекти за олеснување на пристапот до пазарот на труд преку мерката „Месеци на практикантство“ во општините.

Во рамки на Оперативниот план за вработување се продолжува со мерките од програмата за самовработување со грант, преку која претходно беа отворени речиси 2.200 правни субјекти. Тековниот оперативен план опфаќа 40 милиони евра за над 10.000 лица, од кои 32 милиони евра се насочени строго кон мерки за вработување на млади лица до 29 години со опфат од 6.000 корисници.